Патниците на летот Сплит–Франкфурт доживеале непријатна ситуација денеска кога авионот на „Кроација ерлајнс“ за време на полетувањето излетал од пистата на аеродромот во Сплит. И покрај инцидентот, сите патници и членови на екипажот се безбедно евакуирани и никој не е повреден.
Станува збор за авион од типот „Ербас А220-300“, кој извршувал редовен меѓународен лет кон Франкфурт, со околу 130 патници и пет членови на екипажот. Според првичните информации, за време на забрзувањето за полетување, леталото од непознати причини скршнало од пистата и завршило на тревна површина покрај неа.
Од аеродромот во Сплит соопштија дека авионот претрпел оштетувања при контакт со вертикални ознаки и светлата на рабовите на пистата. Патниците веднаш биле истоварени и пренесени во терминалот, каде им е обезбедена потребната поддршка.
„Сите патници и членови на екипажот се добро и никој не е повреден“, соопштија од авиокомпанијата, додавајќи дека во авионот имало двајца пилоти и тројца членови на кабинскиот персонал.
Аеродромските служби во Сплит, во координација со надлежните истражни органи за воздухопловни несреќи, работат на утврдување на причините за инцидентот. Поради настанот, одреден број летови биле привремено одложени.