Автопатот Кичево-Охрид готов до крајот на годината

Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека по повеќе од една деценија градба, автопатот Кичево-Охрид конечно влегува во својата завршна фаза. Според неговите најави, до крајот на оваа или почетокот на следната година, граѓаните конечно ќе можат да возат по оваа делница.

Николоски откри дека Владата се соочила со финансиска опструкција од кинеската „Ексим банка“, која го одбила барањето за ослободување на преостанатите 175 милиони евра.

„Имавме класична опструкција, но веќе активиравме сценарио ‘Б’. Финансирањето ќе го преземат домашните комерцијални банки, кои веќе покажаа интерес. Не дозволивме овој удар да се почувствува на терен,“ појасни Николоски.

Се вчитува...

Министерот додаде дека и покрај сите поскапувања, овој автопат со цена од 13,5 милиони евра по километар се уште е најевтиниот што се гради во земјата, споредено со проектите како Скопје-Блаце или Кичево-Букојчани каде трошоците надминуваат 21 милион евра по километар. Паралелно со ова, Николоски најави дека веќе следната година ќе се вози по нов асфалт на делницата Прилеп-Битола, која до 2029 година треба да биде целосно автопатско решение.