Свет

Азиски нарко бос е уапсен во Австралија

Азиски нарко бос е уапсен во Австралија

Наводниот азиски нарко бос – еден од најбараните мажи во светот – е екстрадиран од Холандија во Австралија и уапсен за шверц на дрога. Ова денеска го соопшти австралиската полиција, пренесоа Франс прес.

Це Чи Лоп (59) е осомничен дека е шеф на огромниот азиски картел познат како „Сем Гор“ – голем производител и снабдувач на амфетамини на глобално ниво.

Канаѓанецот со кинеско потекло, Це Чи Лоп е споредуван со мексиканскиот нарко бос „Ел Чапо“ Гузман.

Тој денеска се очекува да се појави пред Судот во Мелбурн, обвинет за „заговор за трговија со комерцијални количини контролирана дрога“.

Доколку биде прогласен за виновен, може да се соочи со доживотен затвор.

Австралиската полиција го поздрави апсењето како „едно од најспектакуларните во историјата“ на земјата.

Се верува дека „Сем Гор“ перел милијарди приходи од дрога, особено преку казина, хотели и фирми за недвижнини во Југоисточна Азија.

Це Чи Лоп беше уапсен во јануари 2021 година на меѓународниот аеродром Шипхол надвор од Амстердам по десетгодишна потера со црвена потерница на Интерпол.

Австралиската полиција соопшти дека обвиненијата против него се однесуваат на транспорт на дрога од Мелбурн до Сиднеј во 2012-2013 година.

Тогаш во полициска акција беа уапсени 27 лица и одземени се 20 килограми амфетамини кои моментално се со пазарна вредност од околу 3 милиони долари (2,82 милиони евра).

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни