Американскиот претседател Џо Бајден, кој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, ги повика Американците и светот да продолжат да ја поддржуваат Украина во 2023 година, објави Ројтерс.
„Како што се приближуваме до Новата година, важно е Американците – и светот – директно да слушнат од вас, господине претседателе, за битката на Украина и потребата да продолжиме да стоиме заедно во 2023 година“, рече Бајден на прес-конференцијата со Зеленски.
Тој рече дека никогаш не видел НАТО или ЕУ пообединети отколку за Украина.
Бајден рече дека САД ќе обезбедат дополнителна воена помош од 1,85 милијарди долари за Украина, вклучувајќи го и системот за воздушна одбрана Патриот, како што претходно најави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Зеленски рече дека американското ветување за обезбедување на системот Патриот е важен чекор кон создавање ефективен воздушен штит.
„Ова е единствениот начин на кој можеме да ја лишиме терористичката држава од нејзината главна алатка за терор – способноста да ги нападне нашите градови, нашата енергија“, рече тој на прес-конференцијата во Белата куќа.
„Разговараме за санкции и правен притисок врз терористичката земја Русија“, рече Зеленски.
Според неговите зборови, „праведен мир“ со Русите значи да не се прават компромиси со суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Бајден рече дека САД ја делат истата визија за „слободна, независна, просперитетна и безбедна Украина“.
Тој рече дека Зеленски е подготвен да се залага за „праведен мир“, но рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци дека сака да го прекине конфликтот. Според Бајден, Путин нема намера да ја запре „оваа брутална војна“.