Македонија

Бара избори но не прави ништо да ги добие, Тахири: ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена за избори

Бидејќи смета дека актуелната Влада води лоша политика, опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема ден а да не побара предвремени парламентарни избори. Но, освен барањата, до сега од белата палата нема излезено ниту една одлука со која ќе се услови Владата да излезе на избори. Претседателот на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска за ТВ21, рече дека очекуваат средба на Централното раководство на СДСМ, за да одлучи дали ќе го слушнат гласот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори.

Иако опозициската партија бара, ТВ21 денеска од доверливи внатрешни извори од СДСМ, дознава дека партијата на Заев, не планира да оди на предвремени парламентарни избори. Мицевски не сакаше да го коментира ова.

Во СДСМ, се чини се уште немаат исто мислење за предвремените избори. Вицепремиерката Шекеринска, денеска рече дека во партијата има и такви мислења дека мандатот треба да се истера до крај, а некои пак сметаат дека потребни ни се успешни претседателски избори. Така, дебатата во СДСМ, за прифаќање или не на барањето на ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи. Меѓутоа ова барање од опозицијата, без никакво политичко дејствување, според универзитесткиот професор, Сефер Тахири, може да се сфати како неподготвеност на опозицијата за предвремени избори.

„Фактот што ВМРО-ДПМНЕ не презема конкретни чекори, не го актуализира прашањето преку механизмите за влијание врз јавноста, не организира некакви поголеми протести, не протест со масовна организација, туку протест кон овие ставови на Владата која вели дека не го прифаќа барањето за предвремени парламентарни избори, остава простор да се разбере дека ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена за да оди на избори, туку ова настојување повеќе е за политички цели“, изјави Сефер Тахири, универзитетски професор.

Меѓутоа Тахири има и друго гледиште. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена за избори поради слабата артикулација на политичките барања, според Тахири, новите избори би довеле до формирање на поконтролирана парламентарна група, од раководството на партијата. ВМРО-ДПМНЕ првото барање за предвремени парламентарни избори, го поднесе на 11 јануари, на денот кога Собранието гласаше за Уставните измени предвидени со Преспанскиот договор.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни