По демантот на Стопанска Банка АД Скопје, дека не фалсификувала предмети и договори за непостоечки барања, Дарко Поповски од иницијативата „Стоп за извршителите“, се јави со реаквија. Поповски тврди дека банката фалсификувала предмети и договори за исплата на побарувања кои не постојат. За потврдување на неговите тврдења, тој јавно го повика раководителот на банката на телевизиски дуел. Тврди дека има документи со кои ќе го потврди тоа што го вели.
ТВ21 побара став уште еднаш од Стопанска банка, но не добивме одговор. Пред неколку недели од оваа банка остро ги осудија, како што велат, овие невистини. Преку одговор во електронска форма, тврдат дека станува збор за кредит подигнат од правно лице во периодот 1993 – 1997 за кој банката има залог базиран на недвижен имот во сопственост на физичко лице (сега починат) и неговата ќерка која се јавува како наследник.
“Истата уште одамна има отпочната постапка за присилна наплата со реализација на заложно право засновано врз недвижниот имот. Извршувањето е се уште во тек и не е спроведено, а во изминатиот период наследникот на заложниот должник немаше никакви пречки да го користи заложениот имот.“, велат од Стопанска Банка АД Скопје.
Од банката додаваат дека кредитот не вратен и во своите забелешки ги има внесено ненаплатените барања од должникот.