Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против жител на тетовското село Гајре, осомничен за семејно насилство и нанесување телесни повреди. Надлежен јавен обвинител до судот доставил предлог за определување мерка притвор.
Според информациите од Обвинителството, на 21 јуни осомничениот, при вршење семејно насилство, упатил сериозни закани кон неговата мајка и сопругата.
Настанот започнал откако тој побарал 100 евра од жените, но тие одбиле да му дадат пари. Потоа, со цел да ги заплаши и вознемири, започнал да ја крши покуќнината и со нож им се заканувал дека ќе ги убие.
При инцидентот, според пријавеното, тој физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја со тупаници по телото и влечејќи ја за коса, при што ѝ нанел телесни повреди.
Обвинителството го товари лицето за кривичните дела „Загрозување на сигурноста“ и „Телесна повреда“ предвидени со Кривичниот законик.
Ценејќи дека се исполнети законските услови, јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор.