Најмалото бебе што е родено во поновата историја конечно излезе од болницата во Сингапут, по скоро 13 месеци интензивно лекување.
Девојчето по име Квек Ју Ксуан тежело само 212 грама, односно колку едно јаболко кога се родило минатата година.
Нејзината должина била 24 сантиметри, а се родила на не цели 25 недели од бременоста, додека просекот е 40 недели. Претходно рекордот го држеше девојче родено во САД, во 2018 година кое тежело 245 грама.
Ју Ксуан е родена со царски рез четири месеци порано откако на нејзината мајка ѝ бил дијагностициран опасно висок крвен притисок што може да ги оштети виталните органи на мајката и детето.
Малата сега тежи 6,3 килограми, а по раѓањето, докторите не ѝ давале голема веројатност да преживее, но сепак таа конечно денес е во својот дом.
Малото бебе минало низ различни третмани во болницата во текот на изминатите 13 месеци и преживеало со помош на неколку апарати.
Сепак, таа има хронично заболување на белите дробови, поради што ќе ѝ треба помош и дома, но лекарите очекуваат дека нејзината состојба ќе се подобри со текот на времето. За време на лекувањето на девојчето беа собрани околу 230.000 евра.
