Македонија

Бектеши му ја префрли „топката“ на Таравари, најде две варијанти за каменоломот во Чегране

Половина час порано излегоа на улица да го пречекаат министерот за економија Крешник Бектеши. Тој дојде на покана на иницијативата Отпор која го крена гласот против отворање на каменолом во селото Чегране во Гостивар. Средбата е одржа во една од џамиите во селото. Жителите набројаа многу причини зошто се против работата на каменоломот.

-Не сакаме да го обвинуваме ниту градоначалникот, ниту пак министерот, ниту пак некого кој бил дел од овој проблем со Чегране. Ние едноставно сакаме решение, да ни го вратат нашиот имот и да живееме слободно во нашата земја и да немаме последици во иднина-вели Арбен Исеини од иницијативата „Отпор“.

-Мислам дека животот на жителите на Чегране и економијата на жителите се поважни од концесијата и бизнис планот на некоја фирма-вели Селајдин Абдуљи.

Еден жител дури јавно кажа дека боледува од карцином и се обрати со молба до министерот

-Искрено ве молам во име на моето здравје, на децата, на новите генерации – запрете со ова!

Еден друг жител изрази загриженост за културното богатство.

-Не знам дали знаете дека таму кај што е добиена дозволата тоа е многу стара етнографска зона која се вика „Земрдеш“.

Министерот Бектеши им објасни на жителите на Чегране дека Министерството за економија одлуките не ги носи само туку со одобрение од 7 институции, меѓу кои и општина Гостивар, која пред една година даде позитивно мислење за концесијата, а пред една недела достави барање да се поништи дозволата, но според Бектеши овој напис не важи веќе бидејќи Владата веќе донела одлука. Меѓутоа Бектеши пред жителите не се појави без решение. Тој даде две варијанти, со што топката и ја префрли на општина Гостивар.

-Нека поднесат до Министерството за економија или до Владата писмо дека тие ја преземаат евентуалната казна ако утре некој покрене кривична пријава или нека не даде дозвола, оние кои треба да ги издаде општината – сообраќајната и еколошката дозвола Б, и на тој начин концесионерот нема да има право да работи. Јас ви ветувам дека без тие документи, нема да ја потпишам работната дозвола за отпочнување на активностите во каменоломот-рече Бектеши.

Во недостиг на овие две дозволи, компанијата за бетон ризикува да го пробие предвидениот рок за почеток на работите и може да ја изгуби концесијата, објасни министерот Бектеши. На иницијативата Отпор и се допадна предлогот и се надеваат дека општина Гостивар бсега ќе преземе нешто. Но, што е подготвен да направи градоначалникот Таравари?

-Доколку работата е во сообраќајната дозвола и лиценцата „Б“, еве од денеска кажувам јавно, тие нема да бидат добиени од страна на општината 100%, но треба и Бектеши да си стои на зборот. Доколку јас не ги издадам тие две дозволи што зависат од мене…. еве од денеска тоа е завршена работа од моја страна, но треба и тој да го одржи зборот.
Но што доколку инвеститорот ја тужи општината за спречување во финална фаза за почеток на работата? Таравари вели дека е подготвен да плати половина од казната доколку на терен концесионерот ја почнал работата, но всушност на терен не се започнати работите-рече Таравари.

Градоначалникот на Гостивар дури додаде дека до сега се дадени 15 одлуки од различни министерства кои исто така треба да преземат дел од товарот. Секако, министерот Бектеши вчера пред новинарите рече дека е подготвен да побара решение преку кое нема да се нанесе штета ниту на буџетот ниту на општината во случај да има тужба од концесионерот.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни