Македонија

Бектеши: Со заеднички напори до побрз развој на винскиот туризам

Конференција на тема „Предизвиците и можностите за развој на винскиот туризам во Република Македонија“, во организација на Министерството за економија во соработка со здружението „Добредојде Македонија“ и Здружението на вински консултанти и едукатори „КАЛЕМЕЊЕ“, а во рамки на Скопскиот Вински Салон 2018-та се одржа денеска во скопски „Мериот“.

Еминентни експерти понудија одговори на темата поврзана со развојот на винскиот туризам во Република Македонија, ставајќи акцент на можностите за побрз развој на овој туристички производ за кој земјата има огромен потенцијал.

Министерот за економија Крешник Бектеши ја отвори конференцијата, осврнувајќи се на важноста од поврзување на винската индустрија, како гранка и туристичкиот сектор, што претставува и светски тренд.

„Главна задача која што треба винариите да ја реализираат е да ги отворат вратите за посетителите, да се подготват со едуциран кадар кој што ќе знае што се бара на туристичкиот пазар и како тоа да се презентира во најдобар начин. Работата на агенциите, пак, е да донесат што е можно поголем број на туристи и да организираат вински екскурзии и тури, каде што освен посета на винариите и дегустација на вината, во своите пакети ќе вклучуваат и посета на туристички дестинации и културни обележја низ државата. И, се разбира, многу значајно локалните самоуправи и регионалните центри да работат на подобрување на локалната бизнис клима со цел поголеми инвестиции во туризмот и негов одржлив развој, кој ќе придонесе и за рамномерен регионален развој, но и економски раст на државата“, истакна Бектеши.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни