Сè поголемата дигитализација на енергетскиот сектор отвора нови можности, но истовремено ја зголемува и изложеноста на сајберзакани. Затоа, заштитата на енергетската инфраструктура и навременото реагирање при дигитални напади мора да бидат постојан приоритет, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
На настанот „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од проценка до отпорност – Патоказ за Енергетскиот CSIRT“, Божиновска истакна дека безбедноста на енергетскиот систем е од суштинско значење за непречено снабдување на домаќинствата, функционирањето на компаниите и обезбедувањето јавни услуги.
Таа посочи дека дигиталната трансформација на енергетиката мора да биде проследена со посилни механизми за заштита од потенцијални напади и нарушувања на системот.
Во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а со поддршка на Владата на Република Словачка, изработена е Методологија за воспоставување секторски Енергетски CSIRT, односно специјализиран тим за справување со сајберинциденти во енергетскиот сектор.
Дополнително, подготвена е и сеопфатна проценка на состојбата со сајбербезбедноста во секторот, во која се содржани конкретни препораки за подобрување на заштитата.
Според Божиновска, воспоставувањето на ваков механизам треба да овозможи побрзо откривање на заканите, навремена реакција при сајберинциденти и подобра координација меѓу надлежните институции.
Министерката упати благодарност до меѓународните партнери, институциите и експертите кои учествувале во процесот, со посебно признание за ИТ-тимот на Министерството за нивниот придонес.