Имотот на Маск се проценува на 234 милијарди долари, Безос има имот вреден 156 милијарди, а Арно милијарда помалку.
Основачот и извршен директор на компанијата LVMH, Бернард Арно, го загуби второто место на листата на милијардери на Блумберг, бидејќи го престигна првиот човек на Amazon, Џеф Безос, додека прв на листата и натаму е американскиот милијардер Илон Маск.
Во моментов Безос е на второто место со 156 милијарди долари, додека богатството на Арно се проценува на милијарда долари помалку, пренесува Танјуг.
Вредноста на имотот на Арно падна за 6,8 милијарди долари од минатата среда кога LVMH соопшти дека продажбата оваа година пораснала побавно од очекуваното.
Акциите на Tesla пораснаа за 106 отсто
Падот на извршниот директор на LVMH на листата на милијардери на Блумберг ја одразува послабата продажба на луксузни стоки во 2023 година поради падот на побарувачката во САД и тешкото економско закрепнување во Кина.
Спротивно на тоа, богатството на Безос порасна за 49,3 милијарди долари оваа година, бидејќи вредноста на акциите на Amazon порасна за 58 отсто во истиот период.
На чело на листата на најбогати и понатаму е Маск, чиј имот се проценува на 234 милијарди долари. Акциите на Tesla пораснаа за 106 отсто оваа година, а Маск стана побогат за 96,8 милијарди долари.