Македонија

Филипче: Документот за „АЛТА банка“ се однесува на заштита на државните акции, а не на деловна врска со СДСМ

Филипче: Документот за „АЛТА банка“ се однесува на заштита на државните акции, а не на деловна врска со СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ ги отфрли обвинувањата дека претходната влада ја отворила вратата за „АЛТА банка“. Според него, документот на кој се повикува премиерот Христијан Мицкоски се однесува на заштита на акциите што Македонија ги наследила преку сукцесијата на поранешна Југославија.

Филипче објасни дека станува збор за акции во поранешната банка „Јубмес“ во Србија, која подоцна била преземена и станала „АЛТА банка“.

Според неговите тврдења, откако сопственикот Давор Мацура стекнал над 90 отсто од акциите, била спроведена постапка за преземање на преостанатите акции на малцинските акционери, меѓу кои и оние во сопственост на Македонија.

Филипче рече дека македонската држава не дала согласност за преземањето на нејзините акции и дека тогашната влада го задолжила Државното правобранителство да постапи за заштита на државните интереси.

„Кога тоа го гледа нашата влада, го задолжува Државниот правобранител да ја разгледа работата и да отвори постапка за заштита на интересите на Македонија пред српските институции. Тоа го пишува во документот“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека, според неговото толкување, документот не потврдува воспоставување деловни односи меѓу банката и тогашната влада.

„Не пишува дека ‘АЛТА банка’ направила бизнис-релација со нашата држава во време на владата на СДСМ“, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ го обвини Мицкоски дека ја претставува содржината на документот на начин што ја префрла одговорноста врз претходната власт. Тој направи разлика меѓу постапката поврзана со наследените државни акции во Србија и подоцнежниот влез на „АЛТА банка“ во македонскиот банкарски сектор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Зошто политичарите ги отвораат вестите, а проблемите на граѓаните остануваат во втор план?

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни