Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си најави затворање на телевизиските канали Би-Би-Си Три и Би-Би-Си Шкотска, како и на линеарната услуга на Би-Би-Си Радио 4 Екстра, од пролетта 2027 година. Мерката е дел од планот за заштеда на 500 милиони фунти до 2028 година.
Покрај укинувањето на програмските сервиси, Би-Би-Си Њуз ќе укине нешто повеќе од 100 работни места, чија вкупна вредност изнесува околу 5,5 милиони фунти. Дел од работните места ќе бидат укинати и како последица на затворањето на каналите, меѓу кои и десет во Шкотска.
Од Би-Би-Си соопштија дека содржините нема целосно да исчезнат, туку ќе бидат префрлени на дигиталните платформи. Би-Би-Си Шкотска ќе продолжи да биде достапен преку стриминг-сервисот Би-Би-Си Ајплеер, додека дел од програмата ќе се емитува и на Би-Би-Си Уан и Би-Би-Си Ту во Шкотска.
Програмите на Би-Би-Си Три, со дополнителни инвестиции во содржини наменети за помладата публика, ќе бидат достапни преку Би-Би-Си Ајплеер и други платформи, вклучувајќи го и Јутјуб. Содржините на Радио 4 Екстра ќе се префрлат на дигиталната аудиоплатформа Би-Би-Си Саундс, а емисијата „Дејли сервис“ ќе се емитува и преку локалните радиостаници.
Генералниот директор на Би-Би-Си, Мет Бритин, во допис до вработените навел дека компанијата мора поефикасно да ги користи средствата, во услови на непосредни финансиски притисоци и потреба од приспособување на промените во медиумскиот свет.
„Мораме да направиме секоја фунта да вреди повеќе за публиката, додека одговараме на непосредните трошочни притисоци и го приспособуваме Би-Би-Си на светот што се менува. Сите знаеме дека тоа значи тешки избори“, напишал Бритин.
Тој посочил дека голем дел од содржините што досега се емитувале на каналите ќе останат достапни на платформите Ајплеер и Саундс, каде што публиката веќе ги следи.
Во меѓувреме, директорката на Би-Би-Си Њуз, Рејчел Џап, ги известила вработените дека лицата чии работни места ќе бидат укинати веќе биле информирани. Таа најавила дека во текот на консултациите со вработените и синдикатите ќе се бараат начини да се намали потребата од задолжителни отпуштања.
Ова не е првпат Би-Би-Си Три да биде повлечен од традиционалното телевизиско емитување. Каналот се префрли целосно на интернет во 2016 година, а во јануари 2022 година повторно се врати како телевизиски канал. Во меѓувреме, беше поврзан со популарни продукции како „Флибег“, „Нормални луѓе“ и „Убивајќи ја Ева“.
Најавените промени се дел од пошироките напори на Би-Би-Си да ги намали трошоците и да ги приспособи програмските услуги на навиките на публиката, која сè повеќе содржини следи преку дигитални платформи.