Свет

„Целосно сме скршени“ – сопственичка на златарница во Лион гледала во живо како крадци ѝ ја ограбуваат продавницата

„Целосно сме скршени“ – сопственичка на златарница во Лион гледала во живо како крадци ѝ ја ограбуваат продавницата

„Целосно сме скршени“ – со овие зборови Мари Шоке, косопственичка на златарница во Лион, го опиша грабежот на нејзината продавница за време на насилните немири во Франција на 17 октомври. Таа преку безбедносните камери во живо гледала како крадци ја уништуваат и ограбуваат продавницата, а тврди дека и покрај повиците за помош, полицијата не интервенирала.

Во изјава за француската телевизија ЛЦИ, Шоке рече дека се јавила во полицијата и барала заштита за златарницата, но помош не добила.

„Кога слушам политичари во медиумите како тврдат дека е направено сè што е можно, знам дека тоа не е вистина. Полицијата не добила наредба да биде на вистинското место во вистинското време, а сето ова можеше да се избегне. Целосно сме скршени“, изјави таа.

Од златарницата „Кумал Бижу“, која Шоке ја отворила со својот партнер пред седум години, крадците однеле накит, сеф и неколку телефони „Ајфон“. Иако осигурувањето треба да ја покрие штетата, таа вели дека почетните трошоци за обновување на продавницата ќе мораат да ги подмират самите.

„Сè ќе обновиме сами, без оглед на исплатата од осигурувањето“, посочи Шоке.

Дополнителен револт предизвикал случајот со еден од украдените телефони, кој подоцна бил лоциран во продавница во Во-ан-Велен, во близина на Лион. Шоке ја известила полицијата, но, како што тврди, повторно добила одговор дека не можат да интервенираат.

По грабежите, француската влада побара од платформите за онлајн препродажба итно да ги отстранат огласите за кои постои сомневање дека нудат украдена стока.

Франција веќе со недели е зафатена од протести поради високите трошоци за живот, поскапувањето на горивата и незадоволството од јавните услуги. Во протестите се вклучија и ученици и студенти, кои бараат подобри услови за образование, повеќе наставници и поголеми инвестиции во училиштата.

Мобилизацијата го достигна врвот на 17 октомври, кога, според објавените податоци, повеќе од половина милион луѓе излегоа на улиците низ земјата. Во повеќе градови, дел од протестите прераснаа во насилни судири со полицијата, палење автомобили и јавни објекти, како и грабежи на продавници.

Меѓу најтешко погодените градови беа Париз, Лион, Марсеј и Бордо. Во Лион беше запалена и градската туристичка канцеларија, додека во Марсеј беше извршен упад во градското собрание, при што беше предизвикана голема материјална штета.

Според француските власти, за време на викендот биле уапсени повеќе од 2.300 лица, а речиси илјада полицајци и жандарми биле повредени. Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, признал дека полицијата ја изгубила контролата врз ситуацијата во одредени моменти и дека безбедносните сили не биле доволно подготвени за размерите на насилството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни