Македонија

Мухамед Зекири осуден на една година и седум месеци затвор за злоупотреба на службената положба

Мухамед Зекири осуден на една година и седум месеци затвор за злоупотреба на службената положба

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, е осуден на една година и седум месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти Апелациониот суд Скопје.

Одлуката била објавена на 19 октомври, по јавната расправа одржана на 30 септември годинава. Судот го огласил Зекири за виновен за кривично дело според член 353 став 4 во врска со став 1 и член 45 од Кривичниот законик.

Според образложението на Апелациониот суд, при разгледувањето на предметот биле земени предвид списите, првостепената пресуда, поднесените жалби, предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, како и доказите изведени на јавната расправа.

Судот утврдил дека Зекири пристапил кон склучување договори за консултантски услуги поврзани со анализа на состојбите и можностите за приватизација на „Македонска пошта“ и „Македонски железници“, без да биде спроведена соодветна постапка за јавна набавка.

Пресудата сè уште не е правосилна. Зекири има право да поднесе жалба до Врховниот суд на Република Северна Македонија во рок од осум дена од приемот на одлуката.

Од Апелациониот суд информираат дека писмената изработка на одлуката е во тек. Целосната пресуда ќе биде објавена на веб-страницата на судот, согласно законските прописи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни