Македонија

Битиќи размислува дали да ја прифати понудата од Филипче за потпретседател на СДСМ

Битиќи размислува дали да ја прифати понудата од Филипче за потпретседател на СДСМ

Пратеникот во Собранието и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, потврди дека на маса има конкретна понуда од лидерот Венко Филипче за враќање на потпретседателската функција во СДСМ.

Во интервју за емисијата „360 степени“, прашан директно за тоа што значи фактот што сè уште не седнал на масата на партиското раководство, Битиќи појасни:

„Па мислам дека веќе е општо познато за сите коишто се во партијата и ги следат состојбите дека има една понуда на маса за да се вратам како дел од раководството – да бидам потпретседател. Размислувам, разговарам со сите страни и многу брзо ќе разговарам пак со претседателот.“

Тој откри дека истовремено добил покана и од сегашното раководство и од иницијаторите на незадоволната група „Платформа 125“, нагласувајќи дека луѓето од двете страни ги смета за дел од СДСМ. Објаснувајќи зошто сè уште тактизира и не носи конечна одлука, Битиќи изјави:

„Јас не сум одлучил да седнам на масата на платформата за да не ѝ наштетам уште повеќе на партијата. Не сум одлучил сè уште да седнам ниту на масата во раководството на партијата затоа што сметам дека има простор платформата да се доближи во партијата. Сè додека овие две страни ги видам вака, не сметам дека ние навистина нешто ќе направиме.“

Во однос на барањето на платформата за неодложна оставка на Филипче, Битиќи порача дека фокусот не треба да биде ставен само на кадровски решенија, туку на вистинскиот правец и опозициската стратегија:

„Ако се одлучиме да седнеме на маса, не би требало да има ниту една табу-тема, па дури и позицијата на лидерот или на кој било поединец. Но, дали персоналното решение е единственото што ќе овозможи партијата да оди напред? Не сум најсигурен. Не би требало да зборуваме за име, презиме и функции, туку за правец на партијата и стратегија како опозиција против ВМРО-ДПМНЕ.“

На прашањето какви се неговите лични и политички односи со актуелниот претседател Венко Филипче во моментов, Битиќи накратко одговори дека тие се „коректни и професионални“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни