Македонија

Богојески: Македонската берза е вештачки затворена за да им служи само на неколку моќници

Богојески: Македонската берза е вештачки затворена за да им служи само на неколку моќници

Лидерот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, во продолжението на интервјуто за „Ноќно студио“ на 4ТВ ја отвори темата за либерализација на домашниот финансиски пазар. Тој откри дека покрај политичкиот ангажман, лично се занимава со трејдинг на светските берзи и тргува со благородни метали и акции на глобални компании, но посочи дека домашниот пазар на капитал е во сериозен застој.

Запрашан од модераторот дека поседува криптовалути (биткоини), но нема купено ниту една акција на Македонската берза, Богојески појасни дека домашниот пазар е вештачки лимитиран.

„Светските берзи во последно време се доста немирни и брзо се менуваат поради војните на Блискиот Исток и глобалните превирања. Но, таму пазарот е жив. За разлика од нив, Македонската берза сè уште е затворена, контролирана и димензионирана на начин што им одговара само на неколку компании. Таа мора итно да се либерализира и да се отвори за странски капитал. Само така државата ќе добие повисоки даночни приходи, а компаниите ќе акумулираат свеж капитал“, истакна Богојески.

Како клучно решение за пропаднатите државни фирми и јавни претпријатија, Богојески го предложи моделот на економски реформи што Велика Британија го спроведе во 1980-тите години за време на премиерката Маргарет Тачер.

Наместо постојано спасување на загубарите со пари на даночните обврзници, лидерот на „Македонски концепт“ нуди радикален пресврт:

  • Крај на буџетските санации: Јавните претпријатија да престанат да бараат финансиски инјекции од државниот буџет за да ги покријат своите долгови.
  • Граѓаните како инвеститори: Овие претпријатија треба да излезат на слободен пазар на капитал и парите за развој да ги обезбедат на берза, со тоа што самите граѓани ќе купуваат акции и ќе инвестираат во нив.
  • Професионален менаџмент: Ваквиот модел автоматски ќе ги исфрли партиските директори и ќе донесе професионални менаџери кои ќе ги реинвестираат средствата во профитабилни и квалитетни проекти.

„Ние нема зошто да измислуваме топла вода. Светот веќе го има измислено овој модел. Тоа е реформата која пред речиси 50 години ја доживеа Британија и која донесе огромен економски раст. Формата постои, само ни треба политичка храброст да ја имплементираме. Наместо тоа, кај нас сè уште се тера социјалистички концепт каде партијата контролира сè, а јавните претпријатија се пред колапс“, заклучи Петар Богојески во „Ноќно студио“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни