Бранителот на Џаферовски: Дирекцијата за заштита и спасување не е инспекциски орган

Прашањето за надлежностите на институциите повторно се отвори во судскиот процес за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, изјави дека оваа институција нема директна надлежност да врши инспекциски контроли во угостителски објекти.

Тој појасни дека ДЗС е институција чија основна функција е поврзана со цивилна заштита и справување со природни непогоди и големи несреќи, а не со редовни контроли на кафулиња, ресторани или други угостителски објекти.

„Дирекцијата за заштита и спасување не е инспекциски орган кој врши контроли во кафулиња, кафани и ресторани. Станува збор за институција која се занимава со територијална одбрана и цивилна заштита на државата, вклучително и шумски пожари и други големи несреќи“, изјави Давидовиќ.

Тој додаде дека во рамките на Дирекцијата постои Генерален инспекторат кој врши инспекциски надзор само на територијата за која е надлежен, согласно законските одредби.

Според Давидовиќ, недостигот на инспектори е долгогодишен проблем и одговорот за тоа треба да се бара од Владата, бидејќи секое ново вработување мора да добие согласност од Министерството за финансии.

„Ова е комплексен проблем кој тешко се решава во постојниот систем на пополнување на работните места“, посочи адвокатот.

Тој нагласи дека и други институции, како општините и Министерството за внатрешни работи, имаат обврска да преземаат мерки и да обезбедат функционирање на системот за заштита и спасување. Дополнително, без соодветна документација и планови за заштита и спасување, не би требало да се издава дозвола за градба или употреба на објект.

Изјавата на Давидовиќ доаѓа по сведочењето на инспектор од ДЗС од подрачното одделение во Виница, кој на судењето посочи дека по пожарот во клубот „Пулс“ биле утврдени сериозни пропусти, меѓу кои недостиг на противпожарни апарати, празен хидрант и заклучена помошна врата.

Инспекторот исто така сведочеше дека во Кочани повеќе од десет години немало инспектор за заштита и спасување, а за вршење надзор во друга општина е потребен писмен налог од раководството.