Откако британското Министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани да внимаваат при користењето такси услуги во Хрватска поради случаи на сексуална злоупотреба, реагираа хрватските таксисти. Посочуваат дека пет години предупредуваат за, според нив, лошиот Закон за превоз во патниот сообраќај, поточно – за хаосот за кој, тврдат, е виновна либерализацијата на пазарот.
Британското предупредување не придонесува за угледот на туристичката дестинација. „Ако е вистина, тоа е многу лошо за угледот на земјата“, вели Јиржи од Финска.
„Пет години владее хаос поради лошите закони и либерализацијата“
„Тоа може да се случи секаде, дури и во Хонг Конг. Имате девет чесни таксисти и еден нечесен и тоа е доволно да го расипете впечатокот“, вели Џеф од Хонг Конг.
Според таксистите, впечатокот го расипал лошиот закон и либерализацијата. Веќе пет години владее хаос, велат тие и затоа бараат итни промени.
„Дали се знае, по име и презиме, кој вози такси во Хрватска? Не. И тоа е едно од нашите главни барања, да создадеме единствена база на податоци“, истакнува за ХРТ Жељко Бандиќ, потпретседател на Здружението на превозници СДЖ.
„Повеќето колеги си ја работат работата како што треба и од неа живеат“
Доколку нивните предлози беа прифатени, оваа дамка за хрватскиот туризам, тврди Бандиќ, можеше да се избегне.
„Повеќето колеги си ја вршат работата како што треба и живеат од тоа“, вели Бандиќ. Одговори и Uber. Тие нагласуваат дека безбедноста на корисниците им е приоритет.
„Во апликацијата имаме копче за итни случаи, посветен тим за поддршка достапен 24/7, GPS следење и опција за пријавување додека возите. Сите возачи мора да поминат низ строг процес на верификација кој вклучува проверка на криминално досие“, посочуваат за ХРТ.
Незаконските дејствија, доколку се случиле, најостро ги осудува ресорното министерство. Преку надлежните институции ќе ги побараме сите релевантни информации за да се утврдат сите факти поврзани со споменатиот ризик и евентуални незаконски дејствија во такси превозот“, соопштуваат оттаму.
„Туристите се чувствуваат безбедно во Дубровник“
Револтирани се и во Дубровник, каде на патот има повеќе од 7.000 такси возила. Годинава се издадени 900 нови дозволи.
„Со една дозвола може да се вози 50 луѓе. Ниту кој го контролира, ниту кој се грижи за тоа. Изгледа тоа не го интересира Министерството“, вели Мишо Милославиќ, претседател на Здружението на занаетчии на авто-такси превоз од Дубровник.
Туристите, велат дубровничките таксисти, овде се чувствуваат безбедно, но поради екстремно високите цени се повеќе ги избегнуваат таксистите.