Долги години најголемите германски градови се сметаа за пример во поглед на административните услуги. Но времињата се менуваат: на многу места системите со кои се работи се застарени, недостига стручен кадар, а пред шалтерите често се создаваат долги редици.
Дигиталниот сојуз Битком секоја година објавува рангирање на 83 големи германски градови според четири основни критериуми: администрација, мобилност, образование и општество. Оваа година, за првпат, листата ја предводи Штутгарт – главниот град на покраината Баден-Виртемберг. Во претходните три години прв беше Минхен, а втор Хамбург. „Долго време се тврдеше дека овие два града играат во многу повисока лига кога станува збор за дигитализацијата. Но Штутгарт покажа дека доследните напори во дигитализирањето носат врвни резултати“, изјави за АРД Свен Вагнер, раководител на одделот „Паметен град“ во Битком.
Во Штутгарт, на пример, може да се регистрира фирма преку видео врска, бидејќи администрацијата е сè поуспешно дигитализирана. Дел од услугите се достапни исклучиво онлајн. Сепак, за одредени постапки и натаму е потребно лично присуство – како при поднесување барање за пасош. И досега постигнатото дава силен ефект. „Странките се многу задоволни, затоа што се поврзуваат со нас од дома“, вели за АРД Марцена Коизол, која со слушалки и веб-камера комуницира со граѓаните директно од своето работно место. „Не мора да патуваат, да стојат во метеж и да чекаат пред шалтерите“, додава таа.
По пробна фаза, дигиталната услуга од почетокот на 2026 година е во постојана употреба. Раководството на службата нагласува дека новите технички можности носат корист за двете страни. Во моментов во одредени области се тестира употреба на четботови со вештачка интелигенција за првичен контакт со граѓаните, што ги растоварува стручните служби и ги намалува трошоците.
Од придобивките на дигитализацијата не профитира само административното работење. Градот го мери квалитетот на водата во езерата со поврзани сензори. Дигитални информативни панели ги упатуваат луѓето низ пешачката зона и прикажуваат тековни настани. Постоји и „дигитален двојник“ на градот, кој собира податоци од сите служби, ја прикажува сообраќајната состојба во реално време и може да симулира различни сценарија.
Во категоријата образование, Штутгарт е седми, но бележи брз напредок, наведува АРД. Во една гимназија во квартот Меринген се подготвува компјутерска училница со таблети и видео агол, каде учениците ќе снимаат сопствени видеозаписи за подкаст. Особен акцент е ставен на правилната употреба на вештачката интелигенција во училиштата – наставата започнува од петто одделение. Учениците учат како критички да работат со четботови, без слепо да им веруваат. Важно е младите да ги користат новите можности одговорно и на правилен начин.
Извор: Дојче веле