Владата на британскиот премиер Борис Џонсон е погодена од нов скандал откако заменик-шефот за партиска дисциплина на конзервативците во парламентот се откажа поради пиење, објавија Асошиетед прес и ДПА.
Крис Пинчер вчера поднесе оставка со писмо до Џонсон, а денеска имаше повици премиерот да го исклучи од Конзервативната партија.
„Пиев премногу“ во средата навечер, вели Пинчер во писмото. „Се посрамотив себеси и другите луѓе, и тоа е последното нешто што го сакам, затоа ви се извинувам вам и на засегнатите“, рече тој.
Но Пинчер рече дека ќе остане конзервативен пратеник и ќе продолжи да го поддржува Џонсон од клупите во Парламентот.
Оставката на Пинчер ги зголемува неволјите за Џонсон, кој беше погоден од серија скандали, вклучително и забави со алкохол во резиденцијата на премиерот за време на заклучувањето поради коронавирусот и повлекувањето на конзервативен пратеник за гледање порнографија на неговиот мобилен телефон.
Премиерот, кој неодамна го преживеа гласањето за недоверба, штотуку се врати од состаноците на лидерите на Г7 и НАТО и сакаше да ги остави зад себе тие непријатни инциденти, како и неодамнешните загуби што ги претрпеа конзервативците на изборите за пополнување на испразнетите парламентарни седишта.
