Свет

Бродовите сè уште не пловат нормално низ Ормутскиот теснец – постојат три причини за тоа!

Бродовите сè уште не пловат нормално низ Ормутскиот теснец – постојат три причини за тоа!

Кога Доналд Трамп во неделата го објави американско-иранскиот договор и го прогласи „отворањето“ на Ормутскиот теснец, својата објава на социјалната мрежа Truth Social ја заврши со зборовите: „Бродови на светот, стартувајте ги моторите. Нека тече нафтата!“

Сепак, анализата на податоците за следење на бродови од порталот MarineTraffic, спроведена од BBC Verify, покажува дека по објавувањето на договорот низ овој клучен морски премин поминале само седум пловни објекти, додека дури 580 бродови сè уште чекаат во Персискиот Залив.

Техеран го затвори Ормутскиот теснец, низ кој вообичаено се транспортира околу една петтина од светските резерви на нафта и гас, по американските и израелските напади на 28 февруари. Експертите велат дека постојат три големи пречки кои го спречуваат враќањето на сообраќајот на нивото од пред војната: безбедноста, мините и надоместоците, пишува Би-Би-Си.

Безбедноста останува најголем проблем

Податоците на MarineTraffic од вторникот покажуваат дека во Персискиот Залив има повеќе од 250 танкери и над 330 товарни бродови. Околу 75 проценти од танкерите во моментов мируваат.

Сателитските снимки покажуваат дека многу од нив се закотвени во близина на главните нафтени терминали во Саудиска Арабија, Ирак и Обединетите Арапски Емирати.

„Потребен е исклучително храбар капетан за сега да помине низ Ормутскиот теснец“, изјави за BBC Verify Мартин Кели од компанијата EOS Risk Group.

Откако Иран го блокираше теснецот, беа регистрирани инциденти со отворање оган кон бродови кои се обидувале да минат без дозвола. Од друга страна, САД воведоа сопствена поморска блокада на иранските пристаништа.

Експертите оценуваат дека сопствениците на бродови, капетаните и осигурителните компании сè уште чекаат да видат дали договорот навистина ќе донесе стабилност.

Заканата од морски мини

Дополнителен проблем претставуваат мините за кои се сомнева дека се поставени во регионот.

Иран уште на почетокот од конфликтот предупреди дека може да постави различни видови морски мини доколку неговото крајбрежје биде нападнато.

Меѓународните поморски центри за безбедност во меѓувреме издадоа предупредувања за сомнителни пловечки објекти во теснецот.

Генералниот секретар на Меѓународната поморска организација, Арсенио Домингез, нагласи дека расчистувањето на мините е клучен предуслов за нормализирање на сообраќајот.

Според проценките на експертите, операцијата за деминирање може да трае од 30 дена до дури шест месеци.

Нејаснотии околу можните такси

Третата пречка се однесува на потенцијалните надоместоци за користење на теснецот.

Иако Ормутскиот теснец традиционално бил отворен за слободна пловидба, Иран за време на конфликтот се обиде да воспостави поголема контрола преку формирање посебна управа која би издавала дозволи за безбедно минување.

Трамп по постигнувањето на договорот порача дека теснецот ќе биде отворен „без наплата“.

Но, иранската агенција Фарс објави дека според новиот договор Иран би можел да управува со теснецот во координација со Оман, што би можело да вклучува и одредени „услужни надоместоци“ за бродовите.

Експертите предупредуваат дека секој нов систем за наплата би можел дополнително да го забави поморскиот сообраќај и да создаде нови логистички проблеми.

„Теснецот може релативно брзо да се отвори од политички и безбедносен аспект, но комерцијалниот бродски сообраќај најверојатно постепено ќе се враќа во нормала“, оценува Димитрис Ампацидис од компанијата Kpler.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни