Македонија

Буџетот за 2027 година тежок 7,2 милијарди евра – јавниот долг ќе достигне 12,3 милијарди евра

Буџетот за 2027 година тежок 7,2 милијарди евра – јавниот долг ќе достигне 12,3 милијарди евра

Плати, пензии, капитални инвестиции и отплата на доспеаните долгови – ова се дел од предизвиците со кои ќе се соочи државната каса во 2027 година. Буџетот е проектиран на 7,2 милијарди евра, а министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го оцени како еден од најтешките буџети досега.

Според министерката, приоритети остануваат стабилноста на јавните финансии, економскиот раст, постепеното намалување на буџетскиот дефицит и рационалното трошење на јавните средства.

„Нашата определба останува јасна – постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции“, истакна Димитриеска-Кочоска.

Дополнителен товар за државната каса ќе бидат доспеаните финансиски обврски, меѓу кои и отплатата на еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година.

Според проекциите на Министерството за финансии, јавниот долг во 2027 година ќе достигне 12,3 милијарди евра, односно 59,7 проценти од бруто-домашниот производ. Потребните средства ќе се обезбедуваат преку домашниот и меѓународниот финансиски пазар.

Од опозицијата, пак, пристигнаа остри критики за распределбата на буџетските средства. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека не се предвидени доволно средства за зголемување на платите во здравството и образованието, предупредувајќи и на ризикот од неликвидност на компаниите поради долговите на државата кон стопанството.

Според Филипче, станува збор за околу 70 милиони евра, вклучувајќи ги и обврските за поврат на ДДВ.

Предлог-буџетот за 2027 година е во собраниска процедура, а за него се поднесени околу 300 амандмани. Се очекува буџетските проекции да бидат предмет на жестока дебата меѓу власта и опозицијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни