Македонија

Жестока дебата во Собранието за извештаите на ЕК – обвинувања за блокирани евроинтеграции и нефункционално судство

Жестока дебата во Собранието за извештаите на ЕК – обвинувања за блокирани евроинтеграции и нефункционално судство

Застојот во евроинтеграциите, борбата против корупцијата, економските состојби и ниската доверба во судството беа во фокусот на собраниската расправа за извештаите на Европската комисија.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики кон актуелната власт, оценувајќи дека во последниот извештај на Европската комисија нема суштински напредок во евроинтеграциите, ниту значителни резултати во борбата против корупцијата. Тој посочи и дека земјава се соочува со лоши економски состојби и недоволно искористување на европските фондови.

„Актуелната власт или не е свесна за последиците од политиките во однос на пристапувањето во Европска унија коишто сега се случуваат, а уште помалку свесна за последиците кои допрва доаѓаат во следниот период. Или сето ова е еден свесен процес којшто е на ниво на државен удар, да се запре европскиот пат на земјата“, изјави Филипче.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, пак, го насочи вниманието кон состојбите во судството, посочувајќи ја нетранспарентноста на Врховниот суд како една од причините за ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем.

Тој побара поголема транспарентност и објаснување пред јавноста за одлуките со кои беа укинати пресудите за трагедијата во модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа кај Ласкарци.

Во меѓувреме, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, оцени дека земјава би можела да биде предводник во пристапните преговори доколку се надминат блокадите од Бугарија.

Оценките од Брисел повторно ги отворија политичките несогласувања околу темпото на реформите, владеењето на правото и иднината на македонските евроинтеграции.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни