Будимпешта „пит стоп“ на Груевски?! Тој може да заврши во Русија, вели Пивоваров

Според  унгарските, но и бугарските медиуми, екс премиерот на Македонија, Никола Груевски ја напуштил Унгарија. Повикувајќи се на анонимни извори, тие денеска известуваат дека Будимпешта е само „пит стоп“ , а како можна дестинација се спомнува Русија или Турција. Сепак ваквите информации не се потврдени, ниту се знае кој е точниот извор. Но, според поранешниот советник за прашања по државана безбедност, Владимир Пивоваров, ова е реално сценарио.

Екс-раководителот на секторот за воена безбедност и разузнавање во МВР вели дека УБК не ја завршила работата како што треба за да се спречи бегството на Груевски. Сега, како Национален координатор за гранично управување, Пивоваров, вели дека екс премиерот, македонската граница најверојатно ја преминал илегално, но нејасно е дали тоа го сторил преку малите гранични премини, или преку планинските илегални патишта.

ТВ21 го контактираше и Министерството за правда за да видиме до каде е документацијата за екстрадиција. Како што велат од таму списите се уште не се целосно готови, односно се прави превод на унгарски јазик на обемната документација која е на неколку стотици страници. Се очекува до понеделник оваа процедура да заврши и барањето за екстрадиција да биде испратено до унгарските власти.

Вчера, премиерот Зоран Заев изјави дека очекува од унгарските власти да дејствуваат според европските и меѓународните конвенции за азил и да го екстрадираат на Македонија екс премиерот Груевски.

Од МВР велат дека внатрешната истрага за тоа дали и кој му помогнал на Груевски да ја напушти Македонија се уште е во тек и поради тоа не можат да откриваат повеќе детали. Албанија и Црна Гора потврдија дека Груевски на патот за Унгарија поминал низ нивните територии. Иако побаравме информации до српското МНР и МВР, сепак од таму одговор на нашите прашања и по два дена не добивме.

РЕПОРТЕР: АДНАН ЌАИЛИ

Извор: ТВ21