Со 1.787 смртни случаи на 100.000 жители, Бугарија има највисока стапка на смртност во ЕУ во 2020 година, објави денеска статистичката агенција на Европската унија Еуростат.
По Бугарија следуваат Романија (1.622), Унгарија (1.513), Литванија (1.482) и Летонија (1.445), објави Евростат.
На спротивниот крај на скалата, со најмала смртност во земјите на ЕУ, регистрирани се Франција (863 смртни случаи на 100.000 жители) и Ирска (892), пред Луксембург (905), Финска (917) и Шпанија (919).
Во 2020 година, со исклучок на пандемијата „Ковид-19“, главна причина за смрт во сите земји на ЕУ беа болестите на циркулаторниот систем, освен во Данска, Ирска, Франција и Холандија, каде главната причина е ракот, соопшти Евростат. Овие две групи на болести остануваат водечки причини за смрт и вкупно 1,7 милиони луѓе починале од болести на циркулаторниот систем и речиси 1,2 милиони починале од рак.
Меѓу членките на ЕУ, најголем удел на смртни случаи поради болести на органите на циркулаторниот систем има во Бугарија (61%), а најмал – во Франција (20%), додека најголем дел од смртните случаи, поради рак, е забележан во Ирска (29%), а најмал – во Бугарија (15%).
Болестите на циркулаторниот систем и ракот заедно претставуваат 55 отсто од причините за смрт во ЕУ, што варира од 42 отсто во Белгија до 76 отсто во Бугарија, пишува БГНЕС .
Во годината кога изби пандемијата, таа беше трета водечка причина за смрт во ЕУ, со вкупно речиси 439.000 смртни случаи. Најголем удел на смртни случаи предизвикани од Ковид-19 е забележан во Белгија (18%) и Шпанија (15%), а најмал во Финска и Естонија (и двете од 1%).