Бугарија изрази желба да ги донира сите свои борбени авиони МиГ-29 на Украина, според објавените документи на Пентагон, цитирани од Си-Ен- Ен .
„На 23 февруари Бугарија изрази желба да ја донира својата флота од авиони МиГ-29 на Украина. Ова е предизвик, бидејќи Бугарија на тој начин останува без ловци со кои ќе ги исполни своите воздушни полициски должности додека не се испорачаат американските ловци Ф-16, за што ќе биде потребно најмалку една година“, се наведува во извештајот.
Од пишувањето не е јасно од каде овој предлог.
Класифицирани информации
Во изминатата недела на интернет протекоа строго тајни документи на Пентагон и открија како САД ги шпионираат и своите непријатели и нивните пријатели. Нивното појавување на интернет длабоко ја потресе војската преку океанот.
Некои од документите детализираат како САД ги прислушувале своите клучни партнери, вклучувајќи ги Јужна Кореја, Израел и Украина. Други го истакнуваат степенот до кој американската војска успеала да се инфилтрира во руското воено разузнавање и платеничката група Вагнер. Тоа се случува главно преку прислушувани разговори и информатори на терен, кои сега се во опасност, пишува CNN.
Некои од документите укажуваат на клучните празнини во воените капацитети на Украина. Според извори блиски до Володимир Зеленски, армијата веќе променила дел од своите планови поради протечените документи.
Шпионирање на пријатели
Си-Ен-Ен направи детален преглед на 53 документи создадени помеѓу средината на февруари и почетокот на март.
Според еден од нив, САД активно го шпионираат Зеленски. Ова не е изненадување за Киев, но во исто време луѓето блиски до претседателот го изразија своето незадоволство.
Друг документ опишува сложена шема за испорака на муниција во Украина, која САД ќе ја купат од Јужна Кореја. Сепак, Сеул не би ги продавал доколку знаел дека ќе завршат во рацете на воинствена држава. Според протечените информации, САД имаат намера да ги заобиколат нивните желби и преку Полска да ги испратат во Киев.
Друг извештај меѓу објавените документи е за Израел. Го подготвила ЦИА и, според него, разузнавачката агенција Мосад ги поттикнува протестите во земјата. Од таму негираат.
Во друг документ се наведува дека Израел ќе се согласи да испорача оружје на Украина „ако биде притиснат од САД“.
Шпионирање на непријателите
Протечените информации откриваат и колку точно Американците успеале да навлезат во руското разузнавање и во групата Вагнер. Голем дел од податоците беа собрани преку прислушувани разговори, но дел од нив беа со помош на извори.
Благодарение на нивните акции, САД успеаја да добијат информации за точните цели и датуми на ударите на руската армија.