Македонија

Бугарскиот амбасадор во Скопје апелира: Отворените граници се лек против омразата, не ги блокирајте преминот и патиштата

Бугарскиот амбасадор во Скопје апелира: Отворените граници се лек против омразата, не ги блокирајте преминот и патиштата
Фото: 4news.mk

Амбасадата на Република Бугарија во Скопје излезе со официјален став, потпишан од амбасадорот Жељазко Радуков, во кој се изразува благодарност до сите бугарски институции, организации и граѓани за поддршката што ѝ ја даваат на мисијата во сегашните, „особено тешки услови“. Истовремено, од амбасадата упатуваат сериозен апел да не се дозволи блокирање на граничните премини и на патиштата меѓу двете земји.

Конструктивен протест без патна изолација

Бугарскиот амбасадор нагласува дека целосно го поддржува правото на мирен граѓански протест како темелно право во секое вистинско демократско општество, но потенцира дека изразувањето на незадоволството од случувањата во Скопје мора да задржи конструктивен и европски карактер.

„Најсериозно апелираме да не се предизвикува блокирање на граничните премини или на патиштата меѓу Бугарија и Северна Македонија. Интересот на нашата држава бара да бидеме отворени кон своите југозападни соседи“, се вели во соопштението на амбасадорот Радуков.

Културата и економијата како одговор на омразата

Според официјалната позиција на бугарската амбасада, долгорочната стратегија за надминување на тензиите не е во изолацијата, туку во засиленото отворање и соработката.

„Тоа е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата. Само така ќе ги потсетиме нашите соседи колку сме блиски и какви се придобивките не само од нашата заедничка историја, туку и од нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, дециден е амбасадорот.

Амбасадорот Радуков во соопштението директно се обраќа и до одредени медиуми и јавни личности во Северна Македонија, нагласувајќи дека е целосно неосновано и непродуктивно бугарските организации да се прогласуваат за „антимакедонски“ само поради тоа што имаат поинакви оценки и ставови за билатералните односи и за политиките на властите во Скопје.

Од дипломатското претставништво потсетуваат дека плурализмот е главна одлика на демократијата и дека неговото манифестирање не е насочено „против“ никого, туку има за цел да отвори реален дијалог меѓу двете општества како основен предуслов за градење слични наративи и меѓусебно разбирање.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни