Последната недела од март, поточно во недела на 29 март, во два часот по полноќ, стрелките на часовникот се поместуваат еден час однапред, односно на три часот. Токму во тој момент започнува летното сметање на времето. Ова значи дека денот ќе трае еден час помалку, односно 23 часа, но затоа стемнувањето ќе доцни.
Основната идеја за воведување на летното и зимското сметање на времето е да се искористи дневната светлина на поефикасен начин. Зимското време претставува реално, астрономско време, додека летно времето го „зема“ еден утрински час и го додава на вечерта, со цел да се продолжи дневната светлина и темнината да настапува подоцна.
Сепак, со години наназад во научните кругови повторно и повторно се отвора дискусијата дали поместувањето на стрелките ќе продолжи. Главното прашање е: дали овој систем ќе се укине?
Зошто се размислува за укинување на поместувањето на часовникот
Главниот мотив е научно докажаното негативно влијание врз здравјето на луѓето. Нарушувањето на биоритамот може да предизвика несоница, постојан замор, депресија, исцрпеност, варијации во срцевата фреквенција, па дури и проблеми со варење. На телото понекогаш му се потребни и до две недели за целосно прилагодување на новиот ритам.
Покрај здравствените ефекти, смената на времето влијае и на зголемување на сообраќајните незгоди, особено во есенските месеци кога децата наутро одат на училиште по темница.
Иако Европската комисија уште во 2019 година ја поддржа иницијативата за укинување на сезонското поместување на часовникот, поради појавата на пандемија на коронавирус во март 2020 година, конечната одлука беше одложена.
