Градежните активности за обнова на Универзалната сала во Скопје се во тек, се работи на челичната конструкција и на санирање на минималните штети од пожарот, по што ќе следува поставувањето на инсталациите и на фасадата. Ова го потврди министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во гостувањето на 4ТВ, уверувајќи ја јавноста дека објектот ќе биде максимално стабилен.
„Новата челична конструкција е апсолутно безбедна. Таа е за 10 пати постабилна и побезбедна од претходната која Универзална сала ја имаше со децении. Проектирана е наменски, за да може без проблем да ја издржи тежината на новата фасада, но и на комплетно новата сценска технолошка опрема која ќе биде инсталирана внатре“, потенцираше Љутков.
Министерот се осврна и на хаосот со бирократските процедури и ингеренциите меѓу Град Скопје и Министерството за култура кои со години го кочеа проектот, откривајќи дека за минатите постапки веќе се покренати правни процеси.
„Таму веќе имаме и кривична пријава за договор склучен во ‘четири очи’, за истечен договор кој се терал без јавна набавка и без соодветен тендер. Претходниот проект беше планиран во три фази, но во ниту една од нив воопшто не беше предвидено внатрешното (ентериерно) уредување, ниту пак партерното парковско уредување околу салата! Замислете до каде одеше тој апсурд“, изјави Љутков.
Поради овие огромни пропусти, новото раководство на министерството се одлучило за потемелен, иако малку подолг процес. Проектот е целосно ревидиран по принципот „клуч на рака“. При ревизијата биле отстранети низа технички недостатоци, со што, според министерот, објектот сега ќе добие многу подобра звучна изолација и перформанси отколку што првично било замислено.