Министерството за култура и туризам интензивно работи на новиот закон и на националната стратегија за развој на културата, преку кои радикално ќе се ревидира досегашниот систем на „превработеност“ во одредени сектори, најави ресорниот министер Зоран Љутков во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Според него, државата има сериозна превработеност во административниот дел каде што наместо потребните 30 или 40 лица, на платен список се водат и по 80 вработени.
Сепак, наспроти овој вишок, Љутков алармира за сериозен дефицит на стручен кадар во клучни области, како што е археологијата, која со години била системски уништувана.
„Ако вие 7-8 години по ред постојано ги намалувате буџетите за програмски активности и за археолошки истражувања, тоа значи дека вработените во музеите и заводите кои треба да се на терен, едноставно немаат доволно работа. Како последица на тоа, студентите веќе не гледаат иднина во оваа професија, ја губат желбата и затоа катедрите по археологија денес ни остануваат празни“, изјави Љутков.
Министерот потенцираше дека решението на овој децениски хаос лежи во новиот колективен договор, кој ќе донесе јасна предвидливост за буџетската рамка на долг рок. Со прецизното законско регулирање на платите, државата уште од стартот на годината ќе знае со колку пари располага, што ќе овозможи стабилно планирање на културните програми.
Љутков откри и една оптимистичка бројка – новата стратегија на менаџирање со јавните пари веќе дава резултати на терен.
„Речиси секоја национална установа во земјава веќе бележи сериозен раст на средствата. Кај околу 80 отсто од установите, буџетите за работа и за програми се зголемени во сооднос од 40%, па сè до 60, 70, па и 80 проценти“, заклучи министерот за култура и туризам во своето гостување на 4ТВ.