Политичките лидери го честитаа големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Стево Пендаровски, Талат Џафери, и лидерите на најголемите политички партии упатија честитки до сите верници од муслиманска вероисповед по повод големиот празник.
СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА)
„На сите верници од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, ви упатувам срдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Рамазан бајрам.
Најискрено, ви посакувам празничните денови да ги поминете во кругот на најблиските, во одлично здравје и во добро расположение.
Светиот месец Рамазан е месец на пост, дарување, простување, месец на зајакнување на вербата, разбирањето и почитувањето на другите. Со заедничко празнување на овој како и на останатите верски празници јасно упатуваме порака дека меѓуверската и меѓуетничката толеранција, взаемното разбирање и почитта, се столбовите на македонското општество.
Само сплотени можеме да ги надминеме здравствените, економските и енергетските кризи како и сите евентуални безбедносни закани. Токму празничните денови се потсетник дека обединети, солидарни и со чиста мисла и со чисто срце, можеме да изградиме просперитетно општество и подобар, поспокоен и подостоинствен живот за сите граѓани.
ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ (ПРЕМИЕР)
На сите припадници на Исламската вероисповед во нашата земја, во мое, и во име на Владата на Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам.
Рамазан Бајрам е празник на обновата на духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност.
Крајот на постот и дарбите што се стекнуваат во месецот на одрекувањето и воздржувањето, ги украсуваат верниците со дух на трпение, несебичност и дарежливост за да се споделат благодетите на празникот со членовите на семејствата, роднините, пријателите и соседите.
ТАЛАТ ЏАФЕРИ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕ)
-Честитам со надеж дека месецов што го оставаме зад нас, постењето, посветените молитви и добрите дела кон човечките суштества во потреба успеаја да ни ги исчистат душата, мислите и телото од негативните мисли, отровните влијанија и незавидните постапки.
Се надевам дека сите посветени верници ќе го пречекаат Бајрам во една повисока димензија на облагородување и совесност на умот и телото и таа иста енергија ќе ја споделуваат со блиските, со пријателите и познаниците, со познатите и непознатите, за празничниот дух и мирис да ги исполни сите домови и да зрачи топлина и светлина која ќе ги грее срцата, ќе донесе мир и спокој во душите и ќе упатува кон градење на меѓусебна почит, чувство на солидарност и хуманост. Ова се тешки времиња на искушенија за човештвото, кризите се надоврзуваат една по друга. Нека празникот не сплоти сите во молитвите, нека донесе мир, хармонија и благосостојба за сите.
ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ (ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВМРО-ДПМНЕ)
Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија од исламска вероисповед им го честитам празникот Рамазан Бајрам.
Нека празничните мигови ви поминат во добро здравје и спокој, а вашите домови нека бидат исполнети со радост и хармонија. Верата, солидарноста и човекољубието нека продолжат да ве водат во овие тешки времиња на предизвици, затоа само така можат да се надминат заедничките проблеми кои сите ние заедно ги делиме и ги живееме.
Животот и традицијата на разбирање, соживот и взаемна почит покажале дека сплотени сме ги постигнувале најголемите успеси за нашата татковина Македонија. Благосостојбата на секој еден човек, за секое едно семејство, за целата наша држава е нашата цел. Мораме да се обединиме околу принципите кои значат подобра иднина за сите и тоа ќе бара голема посветеност и работа. Доволно долго Македонија е заложник на криминалот и корупцијата на елитите поради која Македонија ја имаме се помалку, а народот ни живее се посиромашно. Тоа мора да го промениме и тоа ќе го направиме заради иднината на сите наши идни поколенија.