Четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина беше во фокусот на првата емисија на 4TV.mk каде се понуди поширока слика – од одлуките на македонските институции во првите денови на конфликтот, до сведоштвата на новинари од фронтот, анализи за геополитичките тектонски поместувања и личните приказни на оние кои ја напуштиле својата татковина.

Петровска: Одлуката беше стратешка и навремена
Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска направи ретроспектива на првите часови по 24 февруари 2022 година – датум кој се совпаднал со нејзиниот прв месец на функцијата. Таа вели дека нападот не бил целосно изненадување, со оглед на разузнавачките информации добиени преку НАТО-сојузниците.
Според неа, државата веднаш се позиционирала на страната на демократскиот свет, квалификувајќи ја агресијата како неоправдан напад врз суверена држава. Помошта за Украина, како што истакна, била внимателно балансирана – со јасна политичка волја, но и со гаранција од Генералштабот дека борбената готовност на македонската армија нема да биде нарушена.
Петровска зборуваше и за, како што ги нарече, хибридни напади и дезинформации во јавноста во периодот на носење одлуки за донации. Решението, според неа, било зголемена транспарентност и навремена комуникација со граѓаните.
Таа потсети и на појавите на лажни дојави за бомби во 2023 година, оценувајќи дека ваквите сценарија имаат за цел да ја поткопаат довербата во институциите и во Алијансата.

Украина одвнатре: зима како оружје и дилеми за мирот
Од Лавов се јави новинарот Даниел Ткие, кој оцени дека изминатата зима била една од најтешките од почетокот на инвазијата. Според него, руските напади врз енергетската инфраструктура биле обид „зимата да се претвори во оружје“ за притисок врз украинската отпорност.
Ткие посочи дека и покрај сериозните проблеми со електричната енергија и водоснабдувањето, стратегијата на Москва не ја скршила волјата на граѓаните.
Во однос на евентуални избори, тој истакна дека без цврст прекин на огнот тие се невозможни. Претседателот Володимир Зеленски, според него, сигнализирал дека изборен процес може да се организира само по најмалку 90 дена стабилен прекин на непријателствата.
Како потенцијален противкандидат на Зеленски се споменува и генералот Валериј Залужни, поранешен врховен командант на украинските сили.
Прашањето за Донбас останува клучна точка во евентуалните мировни разговори. Според Ткие, мнозинството Украинци не се подготвени за целосно отстапување на регионот, но би разгледале компромис доколку постојат цврсти меѓународни безбедносни гаранции.

Геополитика: нов светски поредок?
Универзитетскиот професор Александар Спасеновски оцени дека светот се наоѓа во период на сериозни трансформации. Тој ги подели западните сојузници во три групи – од воздржани држави како Унгарија и Словачка, преку прагматичниот пристап на САД, до цврстата позиција на „стара Европа“.
Според него, меѓународното право е во дефанзива, а во новата геополитичка реалност сè повеќе доминира логиката на моќта. Сепак, во таков контекст се отвораат и нови перспективи – како засилените разговори за членство на Украина во Европската Унија.
За Македонија, заклучува Спасеновски, клучно е внимателно да ги следи сигналите од стратешките партнери, балансирајќи меѓу вредносниот и прагматичниот пристап.

Солидарност и човечки приказни
Претставникот на здружението „Лесја Украинка“, Олександар Урбановиќ, изрази благодарност до македонските граѓани и компании за повеќе од 600 тони хуманитарна помош испратена во Украина.
Тој потсети на првите денови кога граѓани нуделе засолниште и поддршка за украинските семејства, додавајќи дека таквата солидарност никогаш нема да биде заборавена.

Една од тие приказни е и онаа на младиот Дмитро Олијник од Днипро, кој по шестдневно патување преку неколку држави пристигнал во Скопје. Денес зборува македонски, има нови пријатели и се чувствува како дома, иако дел од неговото семејство останува во Украина.
Новинарката Кристина Атовска, која двапати известувала од воените подрачја, сведочеше за дисциплината и психолошкиот товар на военото известување. Според неа, најтешки се моментите по завршувањето на денот – кога новинарот останува сам со приказните за загуба, болка и разурнати животи.

Четири години подоцна
Четири години по почетокот на војната, Украина останува фронт на геополитичка пресметка, но и симбол на отпор. Македонија, како членка на НАТО, ја одбра својата позиција уште во првите денови од конфликтот.
Прашањето што останува отворено е дали следните години ќе донесат мировен договор и стабилизација – или светот ќе продолжи да живее во нова, неизвесна безбедносна реалност, во која границите и принципите сè почесто се доведуваат во прашање.