Свет

Четири лица загинаа при уривање на зграда во кинескиот град Венџоу

Четири лица загинаа при уривање на зграда во кинескиот град Венџоу

Четири лица загинаа при уривање на зграда во кинескиот град Венџоу, објави Ројтерс, повикувајќи се на информации од денешната кинеска централна телевизија.

Зградата се урна вчера при поправка, а сите жртви се градежни работници, јави државната телевизија, додавајќи дека континуираниот дожд ја отежнува спасувачката операција. Истрага за случајот веќе е во тек, се наведува и во информацијата.

На трагичната несреќа во источниот кинески град и претходеа неколку слични неодамнешни инциденти, вклучувајќи го и уривањето на спортска сала под тежината на обилните снежни врнежи во североисточната провинција Хејлонгџијанг минатата недела, при што загинаа три лица.

Во јули оваа година, единаесет лица загинаа под покривот на училишната спортска сала, која се урна поради силниот дожд во истата провинција Хеилонгџијанг. Овој случај предизвика бран критики во медиумите, потсетува Ројтерс. Властите потоа објавија, како што е цитирана од новинската агенција Ксинхуа, дека колапсот можеби всушност бил предизвикан од градежни материјали складирани на покривот против прописите.

„Како тоа секогаш се случуваат такви инциденти?“, прашал корисник на социјалната платформа „Веибо“, според Ројтерс. „Скриената закана во необезбедените згради не треба да се игнорира и овој проблем мора да се сфати сериозно“, додаде тој.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни