Еден од секои четворица граѓани на Македонија (25%) верува дека вратите на Европската Унија ќе останат засекогаш затворени за земјата. Ова го покажуваат резултатите од најновото истражување „Балкански барометар 2025“ на Советот за регионална соработка (РЦЦ), кое открива длабок јаз помеѓу скептицизмот за датумот на влез и вербата во економските придобивки од Унијата.
Додека политичките елити лицитираат со години, граѓаните се поделени во своите прогнози. Според истражувањето, 21 отсто очекуваат влез во ЕУ до 2035 година, 11 отсто до 2040 година, додека најголеми оптимисти се 15 отсто од испитаниците кои веруваат дека членството ќе се случи до 2030 година.
Економскиот прагматизам победува
И покрај разочарувањето од долгиот процес на интеграција, македонските граѓани не се откажуваат од идејата за ЕУ, првенствено поради економијата.
Високи 62 отсто од граѓаните сметаат дека членството ќе донесе економски бенефит за државата. Само 9 отсто мислат дека тоа би било лошо, додека 27 отсто имаат неутрален став.
Регионална слика: Албанија и Косово најголеми евроентузијасти
На ниво на Западен Балкан, поддршката за ЕУ бележи раст и изнесува 64 отсто (за разлика од 54% во 2024 година).
- Рекордери: Најголема поддршка за ЕУ има во Албанија (86%) и Косово (78%).
- Трендови: Генерално во регионот, благо опаѓа бројот на оние што мислат дека проширувањето „никогаш нема да се случи“ (пад од 18 на 17 отсто).
Аларм за демографијата: Младите ги пакуваат куферите
Можеби најзагрижувачкиот податок од истражувањето се однесува на иднината на регионот. Во целиот Западен Балкан, дури 68 отсто од младите се подготвени да заминат во странство.
- 34 отсто планираат трајно иселување.
- 34 отсто би заминале привремено.
- Само 29 отсто од младата популација својата иднина ја гледа дома.
За споредба, кај општата популација, желбата за останување во татковината е поголема (59%).
Што ги мачи граѓаните?
Во 2025 година, главниот непријател на граѓаните е паричникот.
- Цените и инфлацијата се главна грижа за 66% од испитаниците.
- Општата економска ситуација загрижува 44%.
- Корупцијата е високо на листата проблеми за 35% од граѓаните.
Кога станува збор за регионалната соработка, како главни кочници се посочуваат недовербата поради историските прашања (38%) и националистичката политика (37%).
