Четврто покачување на пензиите во две години: Над 320.000 пензионери ќе добијат дополнителни 1.000 денари

Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади го проследи на натамошна постапка во Собранието Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој предвидува покачување на сите пензии за 1.000 денари од 1 март годинава.

Пратеничката Ангелинка Петкова од ВМРО – ДПМНЕ истакна дека ова е четврто покачување на пензиите во неполни две години, со вкупен износ од 7.000 денари за сите пензионери кои го оствариле правото на пензија до 28 февруари 2026 година. Петкова додаде дека со оваа мерка над 320.000 пензионери ќе почувствуваат значително подобрување на својот стандард.

„Со овие законски измени Владата ја оствари својата стратешка цел да го подобри стандардот на сите пензионери и овој бенефит од 7.000 денари досега ќе го почувствуваат над 320.000 пензионери“, рече Петкова.

Пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи од движењето БЕСА додаде дека новото законско решение ја завршува последната фаза на реализација на зголемувањето на пензиите.

„Претходните фази резултираа со два покачувања од по 2.500 денари, а сега се реализира второ линеарно зголемување од 1.000 денари за сите категории на пензионери. Ова е значајно за намалување на сиромаштијата и подобрување на стандардот кај пензионерите“, рече таа.

Со оваа измена, Владата продолжува со политиката на континуирано зголемување на пензиите, со цел да се обезбеди подобра социјална сигурност за повозрасните граѓани.