Мерките против загадувањето, како што се бесплатниот превоз или поскапувањето на паркингот, траеја два дена. Но колку влијаеја на прочистувањето на воздухот?
Иако денеска мерните станици покажуваат почист воздух, Жаклина Анастасова од Движење за почист воздух, вели дека мерките на Град Скопје биле за замачкување очи. Според неа, домаќинствата и возилата не се најголеми загадувачи на воздухот. Вели дека загадувањето го предизвикуваат и старите автобуси, фабриките без филтри и големиот број градби во градот.
И советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Светлана Колариќ обвини дека мерките кои до сега ги презема Град Скопје се без претходно спроведени анализи.
Од Град Скопје тврдат дека последните мерки против загадувањето се краткорочни и итни, кои се преземаат само во алармантни денови.
„Град Скопје е сконцентриран на долгорочни мерки како што се решавање на проблемот со греењето на домовите и институциите преку акционерско општество отворено од Градот, решавање на проблемот со јавниот превоз и сообраќајот преку проекти како што се трамвај, еко-автобуси итн.. Секако дека секоја активност е во координација со експерти и организации кои се занимаваат со оваа проблематика“ – Град Скопје.
Во меѓувреме, вчера на редовна седница на Владата е усвоена програма за реализација на План за почист воздух во 2019 година. Програмата се базира на четири компоненти и тоа мерки за директно соочување со факторите на загадување, подигање на свеста на граѓаните почнувајќи од децата од предшколска возраст па се до возрасните лица, имплементација на платформа за координација и следење на реализацијата на програмата.
РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ