Дали и вие сте измамени? Отворена истрага против Booking.com

AGCM отвори истрага за работењето на Booking.com, поради сомневања дека начинот на рангирање и промоција на сместувањата може да ги доведе во заблуда корисниците.

Според регулаторот, предмет на проверка се таканаречените програми за „приоритетни партнери“ и „приоритетни партнери плус“, преку кои одредени изнајмувачи добиваат поголема видливост на платформата.

Од AGCM посочуваат дека овие објекти се појавуваат повисоко во резултатите од пребарувањето, се дополнително визуелно истакнати и се претставени како понуди со подобар сооднос цена-квалитет. Сепак, постои сомневање дека ваквото позиционирање е поврзано пред сè со повисоките провизии што ги плаќаат на платформата, а не исклучиво со квалитетот на услугата.

Регулаторот предупредува дека ваквиот систем може да создаде погрешна перцепција кај корисниците, наведувајќи ги да резервираат поскапи сместувања отколку што првично би избрале.

Во рамки на истрагата, италијанските финансиски инспектори, во соработка со AGCM, извршиле и претреси во канцелариите на Booking.com во Италија.

Поддршка за постапката даде и здружението за заштита на потрошувачите Codacons, кое нагласи дека транспарентноста при онлајн резервациите е клучна.

Од таму предупредуваат дека истакнувањето на квалитетот и цената без јасни и објективни критериуми може да доведе до погрешни одлуки и финансиска штета за потрошувачите.

Според нивни податоци, околу 70 проценти од хотелските резервации во Италија се реализираат преку онлајн платформи, а значителен дел – околу 42 проценти од дигиталните резервации – се прават токму преку Booking.com.