Дали македонските туристи летово ќе патуваат без биометриска проверка во Грција?

На граничните премини на Европската Унија се забележуваат зголемени гужви и подолго чекање по воведувањето на новиот електронски систем за влез и излез во Шенген зоната (ЕЕС), што веќе предизвикува реакции во туристичкиот сектор.

Системот предвидува граѓаните од земји кои не се членки на Шенген зоната при влез во ЕУ да бидат фотографирани и да им се земаат отпечатоци од прсти, а биометриска проверка ќе се врши и при излез од Унијата.

Според информации, новите процедури веќе создаваат застои на граничните премини, што може да влијае и на туристичките патувања и на интересот за летување во земјите од ЕУ.

Од туристичкиот сектор во регионот има реакции и барања за олеснување на мерките во летниот период. Туристичко-угостителска комора на Македонија испратила допис до грчкото Министерство за туризам со барање македонските граѓани да бидат изземени од биометриската контрола во периодот од 1 јуни до 1 септември.

Претседателот на Комората, Аркан Керим, изјавил дека очекува позитивен одговор на барањето.

И Србија се надева дека нејзините граѓани ќе бидат изземени од новите правила во текот на летото. Од туристичките агенции посочуваат дека не очекуваат официјално суспендирање на системот, но веруваат дека може да се применат препораки на ниво на земји членки.

Претходно се појавија информации дека Грција би можела да ги изземе граѓаните на одредени земји од биометриската проверка во летниот период, но засега останува нејасно како точно ќе се применуваат правилата, додека Европската комисија побарала дополнителни објаснувања за ваквите најави.Дали македонските туристи ќе патуваат без биометриска проверка во Грција?