Македонија

Даниловски: Одложувањето на БСЖ-вакцинацијата е мерка на претпазливост

Даниловски: Одложувањето на БСЖ-вакцинацијата е мерка на претпазливост

БСЖ-вакцинацијата во Македонија е привремено одложена како мерка на претпазливост, откако во Хрватска биле пријавени неколку сомнителни случаи на ретка реакција кај деца кои претходно ја примиле вакцината. Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски појаснува дека ваквата одлука не значи дека е потврдено оти постои проблем со вакцината, туку дека се потребни дополнителни проверки.

Во објава на Фејсбук, Даниловски ги објаснува информациите поврзани со случајот и посочува што треба да знаат родителите чии деца веќе ја примиле БСЖ-вакцината.

Во Хрватска во текот на 2026 година биле пријавени четири сомнителни случаи на БСЖ-остеитис, односно остеомиелитис – специфично воспаление на коските кај мали деца. Децата биле вакцинирани во текот на 2024 и на почетокот на 2025 година.

Станува збор за позната, но исклучително ретка несакана реакција која може да се поврзе со БСЖ-вакцинацијата. Вниманието на хрватските здравствени власти било особено насочено кон фактот што четири сомнителни случаи се појавиле во релативно краток период, додека во претходните десетина години во земјата немало регистрирано ваков случај.

Сомневањата во Хрватска се однесуваат на две серии на вакцината, со ознаки 807-1 и 683-1. Како превентивна мерка, примената на вакцините од конкретниот производител била привремено прекината додека траат дополнителните проверки.

Даниловски нагласува дека треба да се прави разлика меѓу пријавена несакана реакција, безбедносен сигнал и докажана причинско-последична врска. Самото пријавување на случај не значи дека вакцината ја предизвикала реакцијата, туку претставува причина за дополнителна истрага. Конечен заклучок може да се донесе дури по анализа на сите достапни докази.

Случајот е релевантен и за Македонија бидејќи во земјава се користи БСЖ-вакцина од истиот бугарски производител, BB-NCIPD.

По добиените информации од Хрватска, Комисијата за имунизација побарала од МАЛМЕД податоци за сериите на БСЖ-вакцината што се користат во Македонија. Врз основа на достапните информации, било одлучено вакцинацијата привремено да се одложи додека не се добијат целосни податоци за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со пријавените реакции.

Според Даниловски, ова претставува разумна мерка на претпазливост во актуелната ситуација.

Тој посочува и дека, според информациите од Министерството за здравство, во Македонија во последните десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција по БСЖ-вакцинација.

Пријавата била поднесена во август 2022 година и се однесувала на појава на апсцес на местото на апликација. Според Даниловски, станува збор за позната реакција која е наведена и во упатството за вакцината.

Досега објавените информации не покажуваат дека во Македонија е регистриран безбедносен сигнал сличен на оној што се испитува во Хрватска.

Даниловски потсетува дека БСЖ-вакцината има долга историја на употреба и важна улога во заштитата на децата од тешки форми на туберкулоза, меѓу кои милијарната туберкулоза и туберкулозниот менингитис.

Туберкулозата и натаму е присутна во Македонија. Според податоците што ги пренесува од Министерството за здравство, во Институтот за ТБЦ моментално има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 биле регистрирани во текот на оваа година.

Во Детската болница „Козле“, пак, во текот на 2025 година биле евидентирани 15 случаи, додека во 2026 година досега биле регистрирани 12 нови случаи.

За родителите чии деца веќе ја примиле БСЖ-вакцината, Даниловски посочува дека доколку детето се чувствува добро и нема симптоми, нема потреба од превентивно снимање, лабораториски анализи или други дијагностички испитувања само поради вакцинацијата.

Сепак, потребно е да се внимава на одредени симптоми. Подолготраен или постепен оток во пределот на коска или зглоб, болка и чувствителност, ограничено движење, куцање или одбивање на детето да се потпре на раката или ногата се причини за лекарски преглед.

Во таков случај, родителите треба да го информираат педијатарот дека детето претходно примило БСЖ-вакцина, за лекарот да има целосна информација при проценката на состојбата.

Според Даниловски, во овој момент најважни се информираноста на родителите и вообичаеното следење на здравствената состојба на детето.

Привременото одложување на вакцинацијата, како што посочува, не претставува оспорување на БСЖ-вакцината, туку мерка за претпазливост додека се испитува безбедносниот сигнал регистриран во Хрватска.

Конечната проценка ќе зависи од резултатите од проверките, меѓу другото и од тоа дали сериите што се користат во Македонија се поврзани со сериите за кои постојат сомневања во Хрватска.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни