Во организација на Центарот за социјална работа, Демир Хисар, беше организирана трибина во просториите на Домот на културата, на која се дебатираше на тема: „Зошто се потребни лица што згрижуваат?“
На средбата присутни беа претставници од УНИЦЕФ, преставници од Центрите за социјална работа од соседните општини Крушево и Ресен, како и, преставници од Министерството за труд и социјала.
Свое активно учество зеде и градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски, кој ги поздрави сите присутни и му се заблагодари на директорот на Центарот за социјална работа, Диме Митревски за поканата да учествува на трибината.
„Локалната самоуправа максимално се залага за обезбедување најдобра алтернатива во случаи кога не е можно, не е безбедно или не е во најдобар интерес на детето да живее со своето биолошко семејство“, – нагласи градоначалникот.
Директорот на Центарот за социјална работа од Демир Хисар, Диме Митревски, истакна дека моментално при спроведување на социјална заштита и стручната работа, од нивна страна се работи за доекипирање на кадри кој целосно ќе се посветат за поттикнување, организирање и нивна волонтерска координација на граѓани, нивни здруженија, хуманитарни организации, организации во спроведување на програми за социјална заштита.
„Семејствата што згрижуваат дете се грижат за деца што се под старателство на државата. Покрај тоа што прифаќаат дете во својот дом, тие обезбедуваат услуга и за тоа добиваат паричен надомест за трошоците и за грижата за детето. Тие добиваат поддршка и обука од Центрите за социјална работа на другите лица што згрижуваат дете“, – додаде Митревски.
