Македонија

Ангелов: Не стивнуваат пожарите на отворено, во текот на вчерашниот ден регистрирани најмалку 31

Ангелов: Не стивнуваат пожарите на отворено, во текот на вчерашниот ден регистрирани најмалку 31

Жештината и натаму ја зголемува опасноста од пожари на отворен простор, а бројот на интервенции останува висок. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информира дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани најмалку 31 пожар, од кои најголем дел биле предизвикани од човечки фактор.

Според Ангелов, повеќето пожари настанале ненамерно, поради невнимание и небрежност, но постојат индиции и за намерно предизвикување на дел од пожарите.

Тој апелираше до граѓаните да пријавуваат секое сомнително однесување, особено оние кои живеат во подножјето на планината Китка, по Драчево, на територијата на Општина Студеничани.

„Имаме индиции дека токму тука одредена група намерно, секојдневно, повторно го распалува пожарот кој ние упорно се обидуваме да го изгаснеме“, посочи Ангелов.

Во гаснењето на пожарите и денеска се ангажирани воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и полициски хеликоптери. Според Ангелов, на одредени локации е постигнат значителен напредок, а во моментов не е загрозено ниту едно село во близина на линијата на пожарот.

Ангелов посебно го издвои големиот пожар што вчера избувнал помеѓу селата Долно и Горно Чичево, оценувајќи го како исклучително комплексен поради големата површина што ја зафатил.

Пожарот главно се ширел низ сува вегетација, грмушки и трње. Пожарникарите доцна во текот на ноќта успеале најпрво да го стават под контрола, а потоа и целосно да го изгаснат.

Активна и депонијата во Кавадарци

Ангелов информираше и дека активна е депонијата во Кавадарци. За состојбата таму, како што посочи, повеќе информации може да даде локалната самоуправа.

На терен се наоѓаат пожарникари, како и две оклопни возила БТР и едно возило на Дирекцијата за заштита и спасување, кои се ангажирани за помош доколку биде потребно дополнително ладење на депонијата.

Ангелов повторно упати апел до граѓаните да бидат внимателни и да ги пријавуваат сомнителните активности, со оглед на тоа што дел од пожарите, според досегашните сознанија, се предизвикани од човечки фактор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни