Жена од Штип пријавила дека била измамена за повеќе од 4.700 евра, откако лице кое се претставило како директор на финансиско друштво ја контактирало преку мобилна апликација и ѝ понудило помош околу подигнување кредит.
Случајот во СВР Штип го пријавила 42-годишната жена вчера во 15 часот. Според нејзината пријава, измамникот се претставил како директор на финансиско друштво, а со неа стапил во контакт со цел да ѝ помогне да подигне кредит во име на нејзин пријател.
Откако ја убедил дека станува збор за легитимна постапка, со прикажување на лажни факти, од жената побарал по различни основи да уплаќа пари на повеќе сметки во странство.
Таа ги реализирала уплатите, а за целиот случај бил запознаен и нејзиниот пријател. Дури потоа дознала дека била измамена и случајот го пријавила во полиција.
Од СВР Штип информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и откривање на сторителот.
Ова не е прв случај на ваков тип измами во Штип. Во претходниот период биле измамени и други граѓани, на кои лица лажно им се претставувале како лекари и им барале пари за наводни медицински интервенции на нивни блиски.
Од полицијата повторно апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати лица кои бараат уплата на пари, особено на сметки во странство, и секое сомнително барање навреме да го пријават во полиција.