Македонија

Деловникот усогласен со Законот за јазиците, опозицијата го напушти Собранието пред гласањето

Собранието по скратена постапка ги усвои измените на Деловникот со кој се усогласува со одредбите на Законот за употреба на јазиците  а предлогот на измените доаѓа од претседателот на Собранието Талат Џафери. Според  него измените придонесуваат за регулирање на целосна примена на Законот за употреба на јазиците, како и на промената на името на државата.  За овој закон гласаа пратениците од владејачкото мнозинство, а опозицијата пред гласањето ја напушти салата.

-Вкупно гласаа 63 пратеници, сите 63 пратеници гласаа „за“  воздржани нема против нема. Констатирам дека Собранието го донесе Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија-истакна Џафери.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против донесувањето на овие измени без да се усогласат и другите измените што се во тек на преговори со процесот „Жан Моне“ . За ова уште во текот на вчерашниот дел од седницата реагираше координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, според кого со носење по скратена постапка не се почитува процедурата и не е во согласност со процесот „Жан Моне“, во кој, како што истакна политичките партии консензуално се договараат за промените на Деловникот.

-Зошто не оставивте за овие работи да се усогласат и пратеничките групи заедно со донесувањето на целиот Деловник го направат тоа консензуално еднаш на задоволство на сите политички партии и сите пратеници во Собранието. Меѓутоа вие исто како и за законот за јазици на кој што ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35 363 амандмани ја игнориравте волјата на пратениците-изјави Мицевски.

Џафери одговори дека Законот за употреба на јазиците е донесен во март 2018 година и дека со измените само се усогласуваат подзаконските акти на Собранието. Со измените се предвидува и промени на печатот на Собранието на кој ќе стои и новото име на државата и ќе биде двојазичен .

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни