Во август овие табли беа поставени на три споменици од проектот Скопје 2014. Согласно Преспанскиот договор, едната беше поставена кај Александар Велики, една кај Филип Втори и третата кај Олимпија. Само ден по поставувањето беа демолирани од непознати лица. Единствената табла која остана е таа кај Олимпија на плоштадот Ибни Пајко. Но и два месеца потоа, Град Скопје кој е надлежен за нив, се уште нема преземено мерки.
„Плочата која беше поставена овде со натпис дека Александар Велики и припаѓа на античката историја и цивилизација, беше тргната од граѓани кои не се согласуваат со тоа. Надлежните се уште ја немаат вратено на нејзино место“, вели Алмедина Исмајли, репортерка на ТВ21.
Од Град Скопје велат дека инспекциските служби постојано се на терен за спречување вакви инциденти. Ветија дека таблите ќе бидат повторно поставени, но не прецизираа кога.
„Во однос на оштетените табли, Градот Скопје ќе ги санира оштетените делови на спомениците, а ознаките онаму каде што се отстранети ќе бидат повторно поставени. Во однос на конкретните случаи, истите се пријавени до надлежните институции кои ги превземаат понатамошните мерки.“, велат од Град Скопје.
Поставување на новите натписи на спомениците од Скопје 2014 е согласно член 8 став 2 од Преспанскиот договор каде се вели:
-Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство-пишува во Преспанскиот договор.
Таблите беа тријазични, на македонски, албански и англиски.