Повеќе од три години по трагедијата што ја потресе Србија и регионот, денеска во Белград се очекува нова судска одлука во постапката против Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на малолетникот кој на 3 мај 2023 година изврши масовно убиство во Основното училиште „Владислав Рибникар“.
Вишиот суд во Белград треба да ја изрече втората првостепена пресуда, откако претходната одлука беше укината од Апелациониот суд и предметот беше вратен на повторно судење.
Во завршните зборови, главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, побара најстроги казни за обвинетите. За Владимир Кецмановиќ беше предложена единствена затворска казна од 14 години и 11 месеци, додека за Милјана Кецмановиќ обвинителството предложи три години затвор.
Одбраната, пак, побара ослободителни пресуди, тврдејќи дека обвинението не е поткрепено со доволно докази и дека не е утврдено оти обвинетите ги сториле делата што им се ставаат на товар.
Во текот на судската постапка завршни зборови дадоа и адвокатите на оштетените, како и членовите на семејствата на загинатите.
По денешната одлука, и обвинителството и одбраната ќе имаат можност да поднесат жалба до Апелациониот суд во Белград.
Со претходната првостепена пресуда, Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години затвор за занемарување и злоупотреба на малолетно лице и за тешко дело против јавната безбедност. Неговата сопруга Милјана доби тригодишна затворска казна за занемарување и злоупотреба на малолетно лице.
Според обвинението, нивниот син, кој во моментот на злосторството немал наполнето 14 години и не може кривично да одговара, користел два пиштоли што му припаѓале на неговиот татко. Оружјето било земено од семејниот сеф, по што на 3 мај 2023 година малолетникот влегол во училиштето и за време на првиот час усмртил девет ученици и еден училиштен чувар, а повредил уште неколку ученици и наставничка.