Македонија денеска ќе му го упати последниот поздрав на легендарниот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски, кој почина завчера на 65-годишна возраст по кратко боледување.
Како што соопшти „Авалон“, сите што сакаат да му оддадат почит ќе можат да се простат со него во капелата на Градските гробишта Бутел во периодот од 10 до 11 часот, по што ќе следи погребната церемонија.
Веста за неговата смрт ја потресе македонската јавност, која се простува од еден од највлијателните музички автори и изведувачи, чии песни оставија траен белег на домашната музичка сцена.
Според неофицијални информации, една од последните желби на Јаневски била да биде погребан во облеката што ја носеше на својот настап на „Макфест“ во 1993 година, дополнета со препознатливиот брош на сакото. Токму тогаш ја изведе песната „Чаирска романтика“, со која го освои второто место.
Само една година подоцна триумфираше на фестивалот со „Еден бакнеж“, композиција на Григор Копров, со текст на самиот Јаневски и аранжман на Живоин Глишиќ. Истата песна подоцна беше изведена и на фестивалот „Славјански базар“ во Белорусија.
По долгогодишна пауза, Владо Јаневски повторно се појави на сцената на „Макфест“ во 2023 година со песната „Златни години“, уште еднаш потврдувајќи ја својата нераскинлива врска со фестивалот што го одбележа неговиот музички пат.