Десетици илјади се принудени да се евакуираат поради поплавите во јужна Кина

Силните поплави во јужна Кина принудија десетици илјади да се евакуираат, а се очекуваат нови врнежи, објави Асошиејтед прес.

Делови од производствениот центар во Гуангдонг ги откажаа часовите, канцелариската работа и го затворија јавниот превоз поради зголемената вода и заканата од лизгање на земјиштето.

Се вчитува...

Во соседната провинција Џиангси, оштетени се домовите на речиси 500.000 луѓе. Приближно ист број беа погодени во Гуангдонг, главно во градовите Шаогуан, Хеијуан и Меиџоу.

Обилните дождови уништија патишта во некои делови од градовите и однесоа куќи, возила и земјоделски култури, а во наредните денови се очекуваат нови врнежи. Во неделата кинеските власти го објавија првиот црвен аларм за оваа година, најстрога тревога за опасност од водни текови во планините.

Во провинцијата Жеџијанг, северно од Гуангдонг, спасувачките тимови со гумени чамци ги однесоа жителите кои не можеа да ги напуштат своите домови во поплавените села.

Северно од таму, издадени се предупредувања за невреме во многу источни провинции, вклучувајќи го и главниот град Пекинг. Резервоарите во централната провинција Хенан достигнаа ниво каде што постои ризик од поплави и истекување на вода низводно.

Кина често се соочува со поплави во текот на летните месеци, најчесто во централните и јужните региони. Во некои области, сепак, поплавите оваа година се најлоши во последните децении, во услови на строги ограничувања за борба против КОВИД-19, што го отежнува патувањето, работата и живеењето во големи делови од земјата.