Децата трпат најголеми последици од загадувањето на воздухот. Тие се многу поосетливи на ПМ10 честичките. При тоа, доаѓа до ослабување на капацитетот на белите дробови кај децата со послаб имунитет. Докторите со препорака.
„Родителите да знаат да своите дечиња не ги изнесуваат кога ќе дојде пикот на загадување надвор. Се препорачува посета на повисоки места каде концентрацијата на кислород е доста зголемена да на некој начин се врши физиолошко прочистување на самото белодробие и присуството на дечињата во една прочистена просторија каде што има прочистувачи што можат да помогнат да се избегнат или отстранат тие ПМ10 честички во воздухот“, изјави Ангелчо Андоновски, директор на детска болница „Козле“.
Првиот човек на детската амбасада Меѓаши алармира дека може да дојде и до бојкот на наставата доколку државата сериозно не се зафати со решавање на овој проблем. Змијанац со апел до меѓународната заедница.
„Ако навистина сериозно меѓународната заедница е загрижена за иднината на македонските граѓани, дојдено е клучно време да ги притиснат донесувачите на одлуки да ни ги спасат животите. Ако веќе децата се во прашање, имаме консензус и овде немаме толеранција за загадувачите и на корумпираните структури кои за сметка на нашето здравје остваруваат профит“, изјави Драги Змијанац, првата детска амбасада во светот „Мегаши“.
Ако намалување на загадувањето е државен приоритет, тогаш издвојување на само 0,6 % од буџетот за оваа намена не се доволни, сметаат од здружението Радар.
„Бараме Владата да биде транспарентна во своето работење и барем еднаш неделно да ги информира граѓаните што е тоа што конкретно презема за да го намали загадувањето. Бараме и активирање на целокупното население во борба против аерозагадувањето и искористување на расположливите капацитети, активирање на инспекторите, активирање на сето она знаење што се наоѓа во бизнис секторот“, изјави Гордана Несторовска од здружение „Радар“.
Бројките покажуваат дека годишно во Македонија над 1300 лица умираат поради загадувањето. Само за лекување од последиците, се трошат околу 300 милиони евра.
Репортер: Данче Азманова